Самохран татко и неговите пет деца, премрзнати и гладни

Објавено на 2020-01-13 00:47:34

Информации

Опис

Измрзнати и гладни, во недоизградена куќичка, без елементарни услови за живот, без бања, во импровизирани соби, меѓу ѕидови од голи цигли полни со дупки од каде што постојано дува, без можност за лична хигиена, со расипан шпорет и без греење… Вака преживуваат 39-годишниот Ајнур Симоновски и неговите пет малолетни деца, Алмир, Љубица, Јасмина, Леонора и најмалиот Анџело, кои се без мајка. Мајка им починала минатата година во септември, кусо по породувањето со најмалиот Анџело. „Никогаш нема да ја запознае мајка си“ – вели таткото Ајнур. И покрај бедата во која едвај преживуваат, Ајнур вели дека најтешко од сè му паѓа што дечињата навечер заспиваат гладни, а наутро не можат да се разбудат од студот.Од пред околу една година, Ајнур е примател на социјална помош од 7.600 денари, но вели дека не стигнуваат ни за храна, а камо ли за нешто повеќе. Бања нема. На местото на кое планирал да ја направи, стои само едно скршено лавабо и зјаат скршени ѕигли. Имаат мал полски клозет во дворот, но кога доаѓа време за капење, се плаши да не се разболат децата, бидејќи нема како да се исушат. Ги капе едно по едно, во лимено корито внатре во куќичката, во која нема ни греење, дува од сите страни, а веќе е зима.Многу често заспиваат гладни, а од студот, често не можат да станат наутро и да одат на училиште. Спијат на стари и искинати душеци, покриени со повеќе ќебиња, но велат дека заспиваат тресејќи се. Aпел до сите добри луѓе, компании, институции, доколку се во можност да им помогнат, за да можат и неговите дечиња да почувствуваат што е вистински дом.